Почетна МАКЕДОНИЈА Колумна: Чекајќи ја демократијата…

Колумна: Чекајќи ја демократијата…

389
0

       Апсурдноста на театарот е нешто со што многу добро сум запознаена но некако низ овие години не успеав потполно да се запознаам со апсурдноста на македонското општество.

        Иако Македонија е анти многу работи, не мислев дека ќе се претвори во една антидрама, во една апсурдност, во едно безмислие. Едно непрестајно чекање на демократијата.

         На ова парче земја веќе 30 години, нашиот народ не е ништо друго освен еден милион Владимировци и Естрагоновци, кои своите животи ги поминуваат чекајќи нешто што веројатно никогаш нема да стигне. И не сум песимист по природа, напротив ова е реалноста со која се соочуваме веќе со децении, низа дејствија и низа дијалози кои не претставуваат ништо – само празно губење на времето додека се чека нешто што нема да дојде.

         Иако секоја година, секоја нова политичка гарнитура е пречекана со надеж за подобра иднина и пронаоѓање на смислата, подобра работа, подобар живот.. Надеж, дека утре ќе биде подобро, дека утре можеби ќе дојде Годо, се извинувам мислев демократијата..

         Да точно се уште ја чекаме таа пуста демократија, кога ли ќе дојде кај нас? Навидум по нашите животни патиша се среќаваат само бизарна слика на господар – Поцо, кој со камшик и долго јаже врзано околу вратот  го тера својот потчинет роб на работа – Среќко. До кога ќе живееме во една маскирана стварност дека можеби вагата е израмнета и дека демократијата стигнала. До кога ќе се излажува овој народ со помислата ‘можеше да биде и полошо’. Не може, сега е најлошо и вчера беше најлошо и утре ќе биде најлошо и тоа така ќе продолжи се додека само ја чекаме демократијата..

        И можеби изборот на претпоставените во целост не го правиме ние, но не значи дека мора безусловно да го трпиме јаремот што ни го наметнуваат, а со тоа целосно да го изгубиме нашето достоинство.

        Во модерното општество сите ние сме на некој начин Среќко, а малкумина се Поцо. Дали навистина не постои излез? Тешко ли е да се направи чекор напред? Посигурно ни е да седиме и да чекаме, отколку да го направиме чекорот кон неизвесното и новото. Но изборот што го правиме е слободен, никој не нè ограничува, освен самите ние – заради стравот од непознатото.

        Зарем е толку тешко да се отвори очи, да се превземе чекор,  да се тргне напред? Да се разбере кој ја држи моќта, да се сврти коцката и да се сменат улогите. Нека јажето биде пократко, нека власта биде слепа па макар и народот останал нем. Бидејќи кога народот ќе пушти глас тогаш бунтот е неизбежен, револтот не може да се сопре.. Нека се чекори напред заедно, а не едни преку други.

И нека не биде тоа ‘еден ден’, зарем не ви е веќе доволно од тоа?

Нека не биде еден ден, нека биде ДЕНЕС!

Автор: Софи Волчевска

ОСТАВИ ОДГОВОР

Ве молиме, внесете го вашиот коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде